недела, 3 јули 2011

Да се надмине Змејковски!



И покрај неразумниот страв од пријателски оган, критичката јавност во Македонија уште еднаш ја покажа својата зрелост и горе-долу ги лоцира пропустите и предизвиците на СДСМ и Бранко Црвенковски досега и отсега. Честитајќи му го новиот мандат на Црвенковски јас би го сумирал следното.
1.Синдром Змејковски.- Во овој момент Бранко Црвенковски е во улога на Борис Змејковски. Тој ја одигра улогата на најдобриот теренец во партијата и технички, оперативно ја консолидира партијата. Партијата е хомогена и убивствена. Но токму тоа е во овој момент најголемиот хендикеп на СДСМ. Бранко освен како теренец, како што и самиот си призна, со тоа што не се стави ниту на листите ниту на премиерската позиција, не е употреблив за друга функција во СДСМ, односно во македонската политика. Со тоа, Бранко, де факто, ја зазема улогата на генерален секретар на партијата, а како претседател е само за внатрешна употреба, за потребите на своето партиско членство. Затоа сметам дека е сосема небитно дали Бранко ќе биде и номинален шеф на партијата, ако веќе е суштински и оперативно, а не само симболички, Папата. Во таа смисла, формалното повлекување на Црвенковски од кормилото на партијата ќе беше само додатен гест кон позитивното салдо на СДСМ.
2.Синдром -ДПМНЕ. СДСМ е во горе-долу 1997 фазата на ВМРО-ДПМНЕ. Црвенковски одбра да ја консолидира партијата на полесниот начин. Преку ставање на сите под исто знаме, односно приклонување под неговиот авторитет. Видовме дека тоа има своја цена. Бучковски пукна, Рада изгина, Гордан се замонаши, а Андов се пензионира. Од друга страна, јавните тешкаши како Поповски, Митрева, Спасов, дури и Каролина Астеруд се надвор од орбитата. Дури и пријателите како Фрчкоски, Унковски, Исмаил се пуштени слободно да орбитираат. Консолидираната партија на Црвенковски се врти околу едно конзервативно јадро, кое во суштина е посветла,но сепак верзија на догматското членство на ДПМНЕ. Тие се оперирани од чувство на критичко мислење, различност, отвореност, разлика. Нив ги храни сликата на непријателот кој се надвиснал на портите на нивното кралство. Бранко тоа добро го знае и затоа во период на криза секогаш се повикува на ветрот од тоа јадро - како при реторичките грешки во кампањата или неговиот излезен слоган - следете ме или сменете ме.
Конзервативното јадро и хиерархиската хомогенизација на СДСМ тежи најмногу 250.000 гласови. 100.000 екстра гласови од овие избори се гратис на контото на партијата. Тоа се неодработени гласови. Тие легнаа на сметката благодарение на три пријателски ветра. Првиот по логиката дека е подобро магаре да ти го бапне отколку змија да те касне. Вториот по потребата да се изедат живи груевистичките монструми. И трети по принципот на солидарност, на кредитирање со неопределен, но краток грејс период.
3.Излезно решение: Стратегија на диверсификација!
Значи Бранко успеа да ја стегне партијата, но не успеа да испорача програма и кадри. Без разлика на сите отежнувачки околности, Решенијата, правени сепак интерно во партијата, и Радмила, како резултанта на внатрепартиските сили врз кои тежи конзервативното јадро се недоволни да се победи ДПМНЕ. Тука лежи најголемата одговорност на Бранко. Тој ја потцени подготвеноста на Груевски да се коцка. Груевски во таа смисла ја одигра улогата на еден Александар Македонски (хихихи). Побрза на бојното поле и му го пресече времето на Црвенковски за маневрирање. Црвенковски имаше војска но немаше ниту стратегија ниту тактика. Во краткото време од неколку месеци СДСМ одигра дисконтинуирано и се потпре само на внатрешните сили со десеткувани кадри: Бранко со синџир на вратот, Рада запустена, Бучко аут, Зоки со потребата да го чува тронот, а Гордан во монаси.
Но, токму во бескрајно легалното владеење на Груевски, до 2015, со два тешки камења, Скопје 2014 како синоним за коруптивното владеење и спорот со името, потешки од приватизацијата и ТАТ, ја прави СДСМ, во подобра позиција од ДПМНЕ во 1997-та.
Партијата мора да направи тригодишен стратешки план на развој, со кризно адхок сценарио во резерва, доколку Меѓународната се измори од Николче и фамилијата.
Најпогубна тактика на Бранко би била во наредниот период да го задржи статус квото и да го чека Груевски сам да падне. Не дека тоа нема нужно да се случи. Едноставно и да ја добие победата во 2015 СДСМ не може да владее ваков. Стегнат, ама хомоген и партиски. СДСМ не е доволно тоталитарен ниту внатрешно ниту надворешно за да го држи репресивниот апарат во функција како што тоа го прави ДПМНЕ. Од друга страна, демократската јавност која и сега во 2011 е доволно развиена за да биде бреме на секоја автократска власт, и во иднина ќе продолжи да се развива. До момент на отпоризација, украинизација или арабизација на Македонија.
Добар излез би бил Бранко, без разлика на конгресното формално претседателствување, суштински да абдицира и да ја потпре партиската кадровска политика на расцветувањето на четирите пупки: Зоран Заев, Гордан Георгиев, Ана Павлова Данева и Стевче Јакимовски.
Истовремено партијата треба да изврши двојна диверсификација како стратегија за развој и надоместување на разликата во однос на ДПМНЕ. Диверсификација на кадрите и диверсификација на програмата.
Диверсификацијата на кадрите треба да се одвива во два круга. Првиот е прибирање на старото јато, наспроти персоналните или тактичките разлики. Сите кадри кои имаат непотрошен или недотрошен кредибилитет во јавноста треба да се приберат. Тие треба да бидат тампон зона и индикатор дека партијата го напушта тежиштето на конзервативното јадро и дека е подготвена за отвореност, различност и разлика без оглед на ризикот што тоа го носи. Ако Бранко може со Бучко и со Спасов, ќе може и со други.
Второ отворање треба да биде кон своевидното Циле 2014. СДСМ треба центрифугално да ги прибере повеќето линии на опозициски отпор кон груевизмот, плански и системски, со развиена стратегија на солидарност и приближување. Со тоа СДСМ ќе го надмине имиџот на хомогена партија, на штапска, административна, сива и безлична машинерија (ни на свадба да ги каниш, што би рекол Латас) и ќе може да се шлепува на многу граѓански и активистички селебрити-с.
Со еден таков нов слој на граѓански кадри, кои краткорочно или среднорочно ќе се трошат согласно нивните општествени агенди, партиската структура на СДСМ, дури и ќе профитира, зашто долгорочно, доволно отворените партиски кадри ќе бидат стожер на машинеријата и логистиката, и ќе можат да остварат по малку досадни, но доволно долги професионални политички кариери,без потреба од досегашното пребрзо абење при директниот судир со груевистичките антиопштествени автократски агенди.
Диверзификацијата на кадри ќеја донесе и нужната диверзификација на програми и Решенија, кои ќе понудат поголема свежина од актуелните кои го изгубија двобојот,макар колку и нерамноправен со ДПМНЕ.
Кооптирањето на граѓанските активисти и нивно стратешко инволвирање преку програмските содржини и владата во сенка ќе значи и потпирање на единствената успешна контра-стратегија за ПР и маркетинг наспроти груевистичката автократска пропаганда.
Веројатно СДСМ согледа дека не може кредитот од Комерцијална да го сопостави на кредитот од ММФ. Солидарноста на критичките медиуми колку е корисна толку и одвратува, зашто ги изместува медиумите од нивната базична мисија, да бидат неутрални.
Затоа тактиките на бесплатните масовни технологии, на социјалните мрежи, на креативниот отпор и директниот активизам се најефтино и најефикасно оружје наспроти тврдата пропаганда на режимот.
Целата оваа анализа има само една слаба страна. Еден ризик. Ризикот на демократизација и отворање кон другите. Брзо ќе дознаеме дали сегашниот СДСМ може тоа да го поднесе или ќе се определи за други решенија.

Нема коментари:

Објави коментар