петок, 26 ноември 2010

Ако утрешен Шпиц не излезе...

Ова го напишав два саати пред упадот. Како и секогаш се мислев да не претерав...Сега веќе е општо место...

ден до еден или еден по еден

Предвидувањето развојно сценарио за Македонија доколку Груевски остане на власт не бара посебен напор. Тоа е класичен автократски режим, кој функционира по системот на хидраулика. Ги развива до крајност параметрите на своето владеење, се дури општествените процеси не станат толку радикални, што отфрлањето на режимот се случува или со огромен консензус на населението или со вонинституционални политички процеси, потпомогнати од меѓународната јавност. Развојот на таквиот систем е во вид на превртен конус, односно, инка, како во пеколот. Се повеќе се намалува општествената база и легитимноста на режимот, неутралните општествени јазли (јавност, професионалци, експерти, сектори, фели) пукаат, се повеќе поддржувачи, соработници, драматично го напуштаат, како брод што тоне. За да ја одржи лажната слика за хармонијата, системот инвестира во спектакуларни привиди, во пиротехника, во краткорочни ефекти. Со тоа тој станува исклучително скап. Гради велелепни зданија (како Скопје и Охрид 2014), организира мегаломански настани (како гостувањето во Британија и Америка), во кои како легитимизација на режимот учествуваат и се компромитираат врвни уметници. Доаѓаат огромни делегации од несигурни, маргинални, нестратешки земји и се претставуваат како инвеститори или економски партнери. Режимот патува во егзотични, недемократски, далечни земји, со кои воспоставува пријателства и симулира партнерство. Тој систем покачува плати, пензии, привидно вработува. Дава подршка на проекти и процеси со јасно нагласена маркетиншка и манипулативна цел, а без индикатори за остварување на очекуваните резултати. Сади милиони дрвца, нуди фискални или економски рајови. Од друга страна, за да ја одржи билансната состојба мора да се задолжува, да зафаќа пари од нови давачки, да крати од сите трошоци кои немаат моќ да создадат спектакуларен ефект. Поради тоа, системот и инфраструктурата на секојдневното живеење не функционира, се распаѓаат улици, мостови, куќи, речни регулации, установи, институции, па дури и цели системи, како здраствениот, социјалниот, локалниот. Од друга страна режимот сурово се пресметува со неистомислениците кои ги доживувасе повеќе како смртни непријатели. Оние што го напуштаат сурово ги казнува и ги игнорира. Летаат директорски и претседателски глави. Се води системска борба до конечно уништување на противниците.
Го злоупотреби процесот на лустрација за да го уништи најбитниот противник внатре во системот, Уставниот суд. Со истиот механизам ги држи своите партнери од албанскиот табор (во кои нема доверба) слаби, дефокусирани и послушни. На анти-корупциската комисија и смисли друг трик. Ја изложи напред во јавноста и и дофрли топка за офсајд. Во карамбол, повикувајќи се на нејасни правни аргументи, се обидува да се ослободи од политичкиот конкурент, со фантастично дрзок директ, удар во центарот, во матицата.
Критички настроениот, а автономен граѓански сектор, го ослабува преку судскиот систем, во процеси и за дела што претставуваат срам за секое демократско општество.
Колку помалку може да ја контролира неповолната ситуација, толку режимот станува понервозен, порасипнички, подиректен и побрутален.
Битките стануваат отворени. Погледнете колку се мачни сите средби, состаноци, заеднички прес конференции со странските прставници во Македонија, со амбасадори од НАТО и Европската Унија. Дали се тоа средби на партнери, на страни што имаат и што чекорат кон заедничка цел? Со дијаметрално спритивни ставови, тези и оценки.
Бидејќи подржувачите го напуштаат, подготвен е да потроши огромни суми само за некој што ќе каже добар збор за режимот. Да донесе уметник, или бизнисмен или друга јавна личност од странство. Да им даде огромни суми на уметници со кредибилитет и реноме. Ова е време за хохштаплери, за режимски профитери, за луѓе што се подготвени да си ја продадат кожата.
Од друга страна режимот, од оние што ги купува и плаќа бара слепа послушност и лојалност. Нема место за уметнички слободи, за нијансирано мислење, за избор, за неодобрени тези. Режимот казнува дури и за помисла, за толкување, за претпоставки, а камоли за очигледни контрадикции и опозитни ставови. Отстрелот на Милчо Манчевски сигурно ќе влезе во аналите на интелектуалните контраверзи на денешницата.
Бидејќи кругот на поддржувачи се стеснува, нема казни за лојалните. Тие чувствувајќи дека врвот е во небрано се побезочно влегуваат во нелегални или неетички економски или финансиски трансакции. Преку матни зделки безочно стекнуваат огромни профити и користи за себеси.
Како што се осипува граѓанската подршка, маркетингот на режимот се деградира, од пропаганда прераснува во новоговор. Новоговорот како автократски дискурс служи за целосно замаглување на реалноста, тој е антиномичен.Смртта е живот, затворот е слобода, изолираноста е поврзаност, сиромаштијата е развој.
Македонија, понижена и отфрлена е горда и достоинствена земја. Партизацијата е реформа на администрацијата по европски теркови. Деградацијата на кадрите е афирмација на мерит-системот.
Сите несреќи, сите петна, изговор за сите потези, дури и оние катастрофичните му се препишуваат на претходниот систем, персонифициран во една личност, која се демонизира до непрепознатливост. Таа станува синоним за општото зло.
На прашањето на Фуере зошто ги отпушта компетентните кадри и на нивните места и позиции поставува нови и некомпетентни, министерот одговара дека тој всушност воведува нова, непартиска, компетентна администрација, а дека претходникот, Бранко е виновен за партизацијата на системот.
По ваквата теза нема повеќе простор во инката. Системот е навлезен во слепо лудило.
Какви стратегии на преживување се препорачуваат во вакви радикални услови?
Наизглед чудно, но теоретичарите предлагаат да не се откажувате од вашите секојдневни операции со кои го потврдувате вашиот квалитет и одличност. Раководете си ја фирмата, организацијата, правете развојни планови, одржувајте комуникација со светот, бидете во тек со нормалните.
Но истовремено, не ја игнорирајте лошата реалност. Не правете нездрави компромиси, зашто валиден е вицот за мечката и дворот на комшијата.
Уживајте во животот, ама и обновете ги контактите со адвокатот, ставете нешто под перница, проверете го пасошот, јавете им се на пријателите во странство.
Но најмногу од се, потсетете се на зборовите на Бенџамин Френклин.
Ако не висиме еден до еден заедно, ќе висиме одделно, еден по еден.

Упадот во А1 е чин на диктатура!

http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=130775

"We must all hang together, or be assured we shall all be hanged separately."


Оваа сентенца од Бенџамин Френклин ми дојде преку претседателот на европската федерација на хостели. За него тоа беше одлична бизнис метафора. За нас е изворна до коска!

Пломба во А1 = Бомба во Влада!

http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=130771

вторник, 9 март 2010

Древноста на патријархатот





"...The kindred networks prevailing in the early Middle Ages were cognatic or bilineal,that is, they ran indifferently through males and females. From about the eleventh century, a new sort of descent group makes its appearance in European society-the patrilineage..."-David Herlihy

петок, 5 март 2010

Нашата мизерија и Константинопол!



Градот во чие заземање нашите имале битна улога. На неколку начини. Јаничарите кои биле од нашите деца први се искачиле на ѕидините. Српскиот кнез Лазар (или син му) учествувал со цела чета храбри и добро оклопени витези христијани, а таму биле и другите вазали од Влашко. Моите Саси, од Осоговијата, кои како рудари биле експерти за експлозив ги минирале ѕидините и копале подземен тунел под зидот. За среќа, Византија имала најмено Сас од Германија, кој почнал да копа од другата страна, се нашле на пола пат, и овие нашите биле испотепани како глувци. Клучен за освојуванјето бил моделот на голем топ, кој некој христијанин Маџар му го продал на Мехмед Освојувацот откако не добил добра цена од Византија. Предавството на Венеција, која што нејќела да помогне со флотата, зашто Мехмед им гарантирал исти дури и поголеми привилегии, и на геновјанската колонија Пера, карши Константинопол (денесно Фенербахче),кои се држеле неутрално и нејќеле да го спречат продирањето на турската флота меѓу Босфорот и Златниот Рог. На францускиот крал му било поважно да си ја шири територијата и да конфискува имоти од исечени еретици, отколку да тргне во новкрстоносен поход.
Нашиот придонес ќе бил и поголем, ама за среќа старите турски вазали, Крале Марко и Константин Драгаш одамна ги имале дадено своите животи за Османлиската кауза. На наши простори имало само две непокорени територии. Две години по Константинопол паѓа Нојберг, односно Ново Брдо, а Турците ги исекле сите првенци оти дал отпор градот. А по природната смрт на Горгија Кастриот, неговата земја е освоена а населението потурцено за казна.
Оние што се покориле, поклониле, сабјата ниту ги исекла, ниту ги потурчиле, ниту ги расселиле. Останале да си ја исповедаат својата вера и да си зборуваат на својот јазик.
Сасите си ја перат совеста подоцна, со Карпошевото востание, по кое ги разбиваат и ништат и тоа е крај за нивното етничко присуство во Македонија.

Затоа ми е малку огавна оваа мистификација на покорните (не покорените!), оваа глорификација на битката изгубена пред 557 години.

Но како што сведочи Константин од Островица, пишман јаничар, нормално било приклонувањето кон Османлиите зашто нивниот феудален систем на вредности, што ќе рече на меритократија, а не на врски и непотизам бил супериорен во однос на христијанскиот.

четврток, 4 март 2010

Аплицирав за Соросоид!



Длабоко потресен што не сум идентификуван како таков решив да поднесам апликација за истото!Конкурсот е отворен до недела!

www.on-the-move.org/news and announcements

Ај голем да се смалиш...






Јас и Охридското езеро делиме иста грижа деновиве. Како да се смалиме, Тој е 45 цм. над нормала, а јас 45 кг. Мене само пост со вода ме спасува, а него пост со песок. Јас почнувам со 274,4 lb, а Охридско со 25 цм над максимално дозволена граница. Кој попрв...

(извор на слики: тиме.мк и а1.цом.мк)

Не е битно да менаџираш-битно е да се рекламираш!


На веб страната на проектот за ревитализација на Старата скопска чаршија во рубриката Акционен план, нема ништо! Во План за реализација нема ништо! Во Табели (веројатно мислат на табеларен, сумарен приказ на проектниот план) нема ништо! Ама затоа на прва страна има посебни вести за сликањето на Премиерот во чаршија, на Претседателот и на министерката за култура! Аферим транспарентност и менаџерски капацитети! Патем, бидете љубопитни и прочитајте го планот. Ко Кардељ да го пишувал.

ДУИ пропушти да се еманципира



Генерално, со огромната победа од дури три споменици во Скопје 2014, Ахмети ја покажа својата политичка инфериорност. Наместо да ги предводи Албанците во еманципација, да се оспособи во разликување што е политичко добро а што штета, тој ја продолжи самогетоизацијата, само-миноризацијата, самоколонијализацијата на Албанците. Не постои општо добро. Добро е само ако има албански дел во целото, макар и три статуички, се согласи Ахмети. Тој проблем е познат во теоријата, а ДУИ во овој момент е неспособна да го надмине. Добога, ДУИ не е малцинска партија - тоа е третата политичка сила во државата.